Големите пожари дополнително ќе им го загорчат квалитетот на живот на граѓаните

Нема ден, а да нема ново негативно изненадување кога е во прашање огнената стихија која голта се пред себе. Пожарите кои ја зафатија Македонија, а постојано се појавуваат и нови жаришта ќе нанесат многу големи штети на растителниот и животинскиот свет, но и ќе го нарушат квалитетот на животот на луѓето, пренесе Фактор. Воздухот ќе биде уште позагаден, почвите исто, ќе имаме уште повисоки неподносливи температури, а родот на културите кој и сега е намален за разлика од порано, ќе биде уште полош. Штетите од пожарите нема да се санираат за брзо време.



  • „Ќе се направи многу штета. Ќе се наруши биодиверзитетот. Почвата ќе биде загадена, за воздухот да не зборуваме. Животните ќе трпат штети,  зависи каде гори. Ќе има нарушување на рамнотежата. Дел од животните ќе угинат, други ќе се раселат, ќе одат на друго место. Почвата ќе биде загадена, може да има ерозија, поплави по нагли дождови. Воздухот ќе биде загаден сега, но и понатаму. Микрофлората, габи, печурки, се уништуваат. Животинскиот и растителен свет ќе биде уништен. Ни требаат 50-60 години да се обнови таа шума. Сигурно дека ќе имаме жега во лето. И на долг рок многу губиме. Туризам губиме, можеме да ги изгубиме и потоците. Нема дрвја, нема корени, нема задржување на водата, што е најжално. Луѓето не се свесни и ги уништуваме нашите животи, квалитетот на животот се уништува со тоа што некој пали. Казните треба да бидат високи, а не симболични“, вели Митко Шопов од еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица.

Од мерните станици на Министерството за животна средина можеше да се види дека во оштините каде гореа пожари, квалитетот на воздухот беше нарушен. Пожари имаше и во близина на обработливо земјоделско земјиште. Земјоделците ќе трпат штети.

  • „Од пепел ќе се наруши квалитетот на почвата, ќе има прегорени микроорганизми. Тоа значи помалку род во иднина и послаб квалитет. Има начини да се подобарат тие почви, со арско ѓубриво. Ако се стави наесен, ако се заораат нивите и напролет да се сади. Ќе падне производството, нема да заврзе цветот, да се оплоди од жешко. Домати, краставици посебно ќе трпат штети. Уште полошо ќе биде. Пиперката исто ќе биде погодена од високите температури. Јас мислам дека луѓето се свесни за штетите, ама страдаат поради несовесни поединци кои потпалуваат“, вели агрономот Ѓорѓи Пециров.

Гореше во струмичко, пехчевско, охридско, близу Македонски Брод, Маврово, Охрид, Свети Николе, Неготино и други делови на Македонија. Уништени се огромни шумски појаси. Повеќе земји со свои екипи и опрема помогнаа земјава да се бори против пожарите. Во земјава и натаму се палат стрништа иако тоа е казниво со закон.