Mинистерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, ја осуди изјавата на aлбанскиот премиер Еди Рама дадена на Косово, во која тој рече дека посакува Косово и Албанија да имаат заеднички претседател.
ЕУ и западните земји „ја забиваат главата во песок“ пред големоалбанската политика, која, според Дачиќ, е најголема закана за мирот и стабилноста во регионот.
„Рама буквално рече дека Албанија и Косово се земја со еден претседател, со заедничка надворешна и безбедносна политика. И никој не го критикува“, изјави Дачиќ за српската новинска агенција Танјуг.
Тој прашува што би се случило доколку некој каже дека Србија со Република Српска треба да има еден претседател и заедничка надворешна и безбедносна политика.
Во обраќањето во косовскиот парламент по повод одбележувањето на 10 годишнината од независноста на Косово, албанскиот премиер рече дека неговата земја и Косово еден ден би можеле да имаат единствен претседател како „симбол на национално единство“ меѓу Тирана и Приштина и дека двата соседа, претежно етнички Албанци, веќе имаат заеднички дипломатски мисии ширум светот.
„Зошто не и еден претседател, како симбол на национално единство?”, праша тој.
Идејата дека сите Албанци треба да живеат во една држава и да имаат еден претседател се доказ за „Голема Албанија” и мора да биде запрена, рече министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, додавајќи дека ширењето на Голема Албанија мора да биде запрено во Косово и Метохија.
„Ова е причината зошто јас предлагав и предлагам дека разграничувањето меѓу нас и Голема Албанија мора да се воспостави во Косово и Метохија, каде што нејзиното ширење мора да биде запрено“, рече Вулин. „Доколку меѓународната заедница нема храброст да го каже тоа, ќе го кажеме ние“.





