„Комитетот на министрите на Советот на Европа донесе нова одлука на минатонеделниот состанок, одржан во Стразбур од 12 до 14 март, во која изразува сериозна загриженост, поради тоа што Бугарија не ги спроведува пресудите против неа на Европскиот суд за човекови права за ОМО ‘Илинден’ и другите. Ова оддолжување во спроведувањето на тие пресуди трае повеќе од 17 години. Комитетот на министрите на Советот на Европа тука повтори дека формалните законски барања мора да се применуваат на сразмерен, предвидлив и доследен начин, со јасни упатства до апликантите, каде што е потребно!“ – се наведува во извештајот на на Тони Гламчевски, дописникот на весникот „Нова Македонија“ од Стразбур, кој е објавен под наслов „Формалноправните законски барања мора да се применуваат!“.
Сериозна загриженост на Стразбур за неспроведените пресуди од Бугарија за регистрациите на македонските здруженија
Покрај другото, во тој извештај натаму пишува: Софија не е подготвена да го спроведе во својата држава она, што таа го бара од Македонија, а бара дури и повеќе од тоа што се бара од неа – Македонија да го смени својот устав и да ги впише Бугарите во него. Ова е услов, што се подигна како пречка на патот на Македонија кон ЕУ, кој не е дел од копенхашките критериуми, кои Македонија во однос на правата на малцинствата ги исполнува.
Бугарија не ги исполнува истите тие критериуми, ако се земат предвид сите овие неспроведени пресуди за Македонците во Бугарија. Но Бугарија е членка на ЕУ и може сега да диктира услови, кои се далеку од разумноста, заборавајќи како молеше при зачленувањето во ЕУ да не се зборува многу за малцинствата, особено за македонското, за да стане членка на ЕУ, ветувајќи дека ќе ги почитува условите од Копенхаген.
Претходно македонските власти и политичари со измените на македонскиот устав се откажаа отворено да го заштитуваат македонското малцинство во соседните земји, додека нашите соседни земји не се откажаа од тоа и дури бараат повеќе од тоа. Договорите склучени во излив на пријателство на нашите политичари со бугарските, колку да изгледаат убаво на прв поглед, секогаш биле на наша штета. Македонија правеше отстапки, а другите не.
Стравот да се урне националниот мит, кој како сите национални митови, не само во Бугарија, се гради и на лажни измислени темели, за да се зацврсти националното единство, ја спречува Софија да признае, како што тоа го направи во 1945 година, дека има македонско малцинство во Бугарија.





