Глад им се заканува на Палестинците во Газа

Меѓународни експерти алармираат на „голема веројатност“ луѓето во северниот дел на Појасот Газа погоден од конфликтот да се соочат со „неизбежна глад“.



„Сите актери кои директно учествуваат во конфликтот или имаат влијание врз неговиот развој треба итно да реагираат, се работи за денови, а не недели, со цел да се спречи и ублажи оваа катастрофална ситуација“, напишаа независните експерти на иницијативата за анализа на IPC во итен повик.

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејесус изјави дека оваа вест е алармантна.

На ‘X’, тој објави дека СЗО повикува на итно зголемување на испораката на храна и лекови за тешка неухранетост „во рок од неколку дена, а не за недели“.

Предупредувањето доаѓа непосредно пред крајниот рок од 30 дена што САД го поставија на 13 октомври за Израел да ја подобри хуманитарната ситуација во Газа или да се соочи со скратување на американската воена помош.

Во понеделникот, портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер рече дека Израел презел значителни чекори за да обезбеди поголема хуманитарна помош, но дека е потребно повеќе за да се ублажат страдањата.