Германскиот претседател го обвини Трамп за безобзирност

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер оцени дека новата американска администрација е безобѕирна кон остатокот од светот, пренесе Дојче веле.



– Таа има поинаков светоглед од нас – рече Штајнмајер.

Зборувајќи на почетокот на безбедносната конференција во Минхен (МСЦ), која ќе трае до 16 февруари, шефот на германската држава предупреди: „Нередот не смее да стане модел за нов поредок на светот“.

Новата ориентација на политиката во Вашингтон, нагласи Штајнмајер, не може да се смени од страна на другите држави, и „тоа мора да го прифатиме, со тоа мора да се справуваме“.

Но, германскиот претседател е уверен:

– На меѓународната заедница не ѝ е во интерес овој светоглед да стане доминирачка парадигма.

Тој истовремено ја критикуваше и „историски невидената концентрација на технолошка, финансиска и политичка моќ“ што моментално се создава во САД.

– Искрено ви велам: како демократ, јас сум загрижен, многу загрижен, кога мала претприемничка елита има моќ, средства и волја да редефинира суштински дел од правилата на игра во либералните демократии – рече Штајнмајер.

Особено е загрижувачки, потенцира Штајнмајер, „кога некои од оваа елита не го кријат својот презир кон институциите и нормите на нашата демократија“.

Тој ја предупреди американската влада од преземање самостојни потези:

– Дури и најсилните, и САД, во 21 век се упатени на сојузници – порача Штајнмајер.