Патот на С. Македонија кон Европската Унија поминува и преку верното придржување до Договорот од Преспа, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за неделното издание на весникот „Врадини“, јави дописничката на МИА од Атина.
„Овој Договор претставува меѓународен договор, кој е над секој внатрешен закон и треба да се почитува од страните и секако не е дозволена негова ревизија без договор на страните.
Во оваа смисла, сметаме дека е неопходно Договорот да продолжи да се спроведува и сметам дека ова ќе биде ставот и на новото политичко раководство на С. Македонија, кое ќе произлезе по изборите. Грчката влада континуирано и строго го следи спроведувањето на Договорот и ќе ги направи неопходните интервенции, истакна Герапетритис.
Тој ја повтори и грчката поддршка за ЕУ перспективата на земјите од Западен Балкан, потенцирајќи дека „овие држави треба да бидат во јадрото на Европската унија“.






