„Сакам да потенцирам дека теоретски во овој момент со господинот Спасов сме на иста страна и посебно ми е задоволство што еве после 20 години тој се бори да стане поголем бугарофил и гркофил од мене“ изјави денеска за порталот „Поглед“ Љубчо Георгиевски одговарајќи му на Ѓорѓи Спасов кој преку Фејсбук му порача на лидерот на ВМРО-НП и поранешен премиер дека билатераните средби со Грција не се замка.
Спасов вчера му порача на Георгиевски дека „Не треба да се плашиме од директни средби и разговори меѓу претставниците на Македонија и Грција. Во овој вид разговори не се разговара ниту за продажба на „Окта„ ниту се заклучуваат тајни зделки за големи бизниси“, алудирајќи на на зделката за продажбата на Скопската рафинерија на грчката компанија „Хеленик петролеум“ склучена за време на неговиот премиерски мандат (1998-2002). Тогашната опозициона СДСМ обвинуваше за нетранспарентност и за криминален бизнис со продажбата на „ОКТА“.
Повод за прозивката на Спасов беше постот објавен на профилот на фејсбук на Георгиевски кој напиша дека имал чувство „дека со билателарните разговори со Грција влеговме во една голема дипломатска замка. Што поскоро треба да се вратиме на Нимиц и да се побара тој да ги дава предлозите а добро е тој и да ги води преговорите.

На ова Спасов напиша: „Љупчо Георгиевски не кажува кој ја оспорува улогата на Нимиц, пишува Спасов и вели дека тој не прочитал „дека билатералните средби и разговори се само подготовка за продолжување на разговорите под покровителство на Нимиц. Не гледа дека тоа е фаза во разговорите и обид за зголемување на меѓусебната доверба на страните вклучени во преговорите со посредство на Нимиц.
Нимиц и натаму ги води преговорите и е единствено надлежен за давање на предлози кои ќе одат пред Советот за безбедност ако се постигне согласноста на двете страни“.





