Независниот кандидат на претседателските избори во Романија, Калин Георгеску, изјави дека одлуката на Уставниот суд за поништување на првиот круг, во кој тој однесе убедлива победа, претставува официјализиран државен удар.



„На денешен ден романската држава ја погази демократијата. Земјата е во состојба на индуцирана кома. Заедно со народот го направивме тоа што го кажавме, напишавме историја. Време е да покажеме дека сме храбар народ“, рече Георгешку во обраќањето на ТВ-каналот Реалитатеа.

Тој додаде дека демократијата е нападната, а партиските лидери се плашат дека нивните досиеја ќе излезат на виделина.

„На овој ден корумпираниот систем склучи пакт со ѓаволот. Имам само еден пакт, со романскиот народ и со Бог. Силата е во секој од нас, романскиот народ не се предава“, рече Георгеску.

Според него, ова е отворање нова страница во историјата на Романија.

Георгеску рече дека целиот свет знае што се случува во Романија и оти работите нема да останат вака.

„Само романскиот народ стои зад мене“, порача тој, посочувајќи дека не потрошил ниту леи за изборната кампања, негирајќи дека зад неа стои „државен актер“, како што стои во објавените декласифицирани документи.

На новинарско прашање за можноста да му биде забрането да се кандидира повторно, Георгеску одговори дека ќе оди пред највисокиот суд и оти веќе се преземени активности во таа насока.

„Ако девет судии, колку што има во Уставниот суд, одлучуваат спротивно на волјата на 19 милиони луѓе, тогаш тоа не е реално“, заклучи тој.

Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг од претседателските избори, откако беа декласифицирани безбедносните документи и беше најавено дека изборниот процес мора да се повтори во целост.

Романскиот претседател во заминување Јоханис во средата објави декласифицирани документи со детали за масовната и, како што рече, „високо организираната“ кампања за Георгеску на ТикТок, наводно координирана од „државен актер“.

Документите вклучуваат разузнавачка проценка дека Русија извршува хибридни напади против Романија, која ја гледа како „непријателска држава“.

Во тие документи се наведува дека Романија била цел на „агресивни хибридни руски напади“ за време на изборниот период.

Десничарскиот независен кандидат Калин Георгеску победи во првиот круг од изборите на 24 ноември, а проевропската кандидатка Елена Ласиони влезе во вториот круг.

Вториот круг на гласање требаше да се одржи на 8 декември, а на некои места во странство веќе почна гласањето.