Изјавата на генералниот секретар на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги засили информациите за повлекување на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ од претседателската позиција во партијата.
За магазинот Фактор, Мицкоски даде профил на идниот лидер на опозицијата доколку Груевски се повлече со што индиректно најави дека постојат можности Груевски по 14 години на чело на најголемата партија да не биде веќе претседател.
Според инфорациите на неколку медиуми блиски на владеачките структури Груевски веќе донесол одлука да се повлече но имал дилеми за терминот на заминувањето.
„Неофицијално се дознава дека Никола Груевски веќе подолго време размислува да објави оставка од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува организацијата Цивил медиа која важи за остар критичар на Груевски на својот портал.
Според нивни извори, Груевски веќе ја донел оваа своја одлука и единствено се премислува околу терминот за објавата.
„По катастрофалниот пораз на локалните избори, Груевски се наоѓа под силен притисок дури и од дел од своите најблиски соработници, да понесе одговорност за поразот и да поднесе оставка. Иницијативата за внатрешни реформи (Реформаторите) веќе со месеци повикуваат на внатрешна демократизација на партијата и негова оставка од функцијата. Реформаторите добиваат масовна поддршка од членството на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Цивил.
Според изјавите на Груевски пред и по изборите, тој како лидер ја сноси одговорноста за тешкиот пораз на изборите а конечната одлука за идните чекори ќе ја донесе по изборната анализа.
Од партијата засега нема официјален коментар кои се идните чекори на Груевски ниту пак се закажани активности во правец на промена на раководството.
Вообичаено ВМРО – ДПМНЕ својот лидер го менува на партиски конгрес кој редовно се одржува секои 4 години.
Последниот конгрес на партијата се одржа на почетокот на мај 2015 година во Куманово само 7 дена пред познатите настани во Диво Насеље.
Следниот 16 конгрес ако се закажува во редовен термин треба да се одржи во мај 2019 година.





