Со половина сили, можеби ни толку, ракометната репрезентација на Македонија ја прокнижи првата победа на 29. Светско првенство во Хрватска, Норвешка и Данска, совладувајќи го дебитантот Гвинеја со 29:20 за третото место во групата Д во Вараждин и пласман во главната фаза.



На стартот од групата за четвртфинале исто така во „Вараждин арена“ во вторник од 18 часот „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со Австрија, в четврток од 20:30 ч. ќе играат со Катар и в сабота во истиот термин со Франција.

Во вториот круг на првенството избраниците на селекторот Кирил Лазаров влегуваат со еден бод од ремито со Унгарија, а во четвртфиналето ќе има место за двете најуспешни селекции во групата.

По исцрпувачките дуели со Унгарците и со Холанѓаните, македонските ракометари влегоа ноншалантно против ривалот од Африка, кој дури и водеше со 7:6, но Македонија на паузата замина со водство од 14:10, а во второто стигна и до очекуваната убедлива победа.

Капитенот Филип Кузмановски одново беше најефикасен во македонскиот тим и со 12. гола од 15 обиди го понесе признанието за играч на натпреварот, во кој десното крило Ненад Костески застана на 4/8, средниот бек Игор Ѓорѓиев имаше ефект 3/3, а голманот Марко Кизиќ запиша 15 успешни интервенции.