Прашањето за промена на Уставот треба да биде решено што побргу, но не на сметка на културниот и јазичен идентитет на Македонците и со ставање на меѓуетничките односи во ризик, смета новиот претседател на Собранието, Африм Гаши.
Станува збор за сензитивно прашање, особено за Македонците, кои се понегативно настроени кон т.н. француски предлог, рече Гаши во синоќешното интервју за емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма.
Гаши смета дека сега сме во друга фаза во која сите сакаме да одиме напред.
„Најголем број граѓани и политички партии, освен една, сите сме за интеграција на земјата во Европската Унија, и тоа што побргу, барем така се изјаснуваат декларативно.
Треба да разговараме за тоа што ВМРО-ДПМНЕ го стави во програмата. Ќе има и нови моменти по изборите во Бугарија и изборите во Европскиот парламент.
Треба во мозаикот да се имаат сите елементи за да може да го решиме ова горливо прашање“, рече претседателот на Собранието.
Според него, ако се има разбирање за културниот и јазичен идентитет, тоа само по себе ќе даде енергија во процесот за побрза интеграција на земјата во Европската Унија.
„Јас лично стојам на ставот дека ние треба да го решиме тоа што побргу, но не на сметка и не врз грбот на рушење, на незачувување на идентитетот, културен и јазичен на Македонците.
Јас ова го зборувам и со меѓународниот фактор. Не можеме да ги ризикуваме меѓуетничките односи заради друг проблем кој е битен за интеграциите. Затоа што тоа можеме да го решиме, но ако ги нарушиме овие односи, ништо не сме направиле како држава.
Треба да работиме на поголема кохезија на сите заедници, особено на првите две по големина – македонската и албанската“, рече Гаши.






