Гаши: Ако неколку пати ни се случуваат бегства, да видиме каде е проблемот

Претседателот на Собранието смета дека секогаш треба да се има големо внимание за меѓуетничките односи во Македонија кои, споед негова оценка биле кревки уште од независноста.



„Јас сум голем поборник на идејата на зближување на нашите народи, на зацврстување на меѓуетничките односи, така треба сите заедно да работиме во таа насока, изјави синоќа Африм Гаши за „Канал 5.

Прашан дали според него завршиле лошите сценарија кои се предвидуваат, Гаши  рече „со тоа што кажав дека се кревки, не може никогаш да кажете дека завршиле“.

За тоа дали има информација каде се наоѓа поранешниот вицепремиер Артан Груби, Гаши вели дека не се занимава со таа работа.

„Се обидувам да се апстрахирам од дневна политика. Тоа е работа на органите на редот. Вчера видов една изјава на неговиот лидер дека тој знае и мислам дека треба набрзо да се повика, да се праша каде е и да се преземат мерки и да биде повикан и да дојде да одговара пред органите на редот“,  рече Гаши.

За тоа кој е виновен за бегството на Груби и каде треба да се лоцира одговорноста, тој рече дека „ако ни се случува неколку пати треба да видиме што се случува“.

„За жал во трансферот на власта уште многу позиции ги држат луѓе кои припаѓаат на тие политички провиниенции, така кога ја имате информацијата, протекува, тогаш од политички аспект тоа не можете да го спречите. Ако има законски проблем, тогаш мислам дека треба да видиме, и власта треба да види каде е проблемот, да не се погрешило нешто и тие што погрешиле да одговараат“, појасни Гаши.