„Ако Уставниот суд го прочита правилно Законот за јазиците со амандманот 5 од Уставот, тогаш ќе биде унапредена употребата на албанскиот јазик во * Македонија. Неговата употреба не е на потребното рамниште и нашата политичка борба мора да се одвива во насока да ги убедиме партиите во земјата албанскиот јазик да стане официјален еден ден, заедно со македонскиот.“ – изјави претседателот на Собранието на Република Македонија Африм Гаши во интервју за весникот на албански јазик „Лајм“.
„Лајм“ пишува: Претседателот на Собранието на * Македонија Африм Гаши во интервју за весникот „Лајм“ зборуваше за најавата на Уставниот суд дека на почетокот на октомври ќе ги разгледува иницијативите, кои оспоруваат некои од членовите на Законот за јазиците. Тој нагласува дека употребата на албанскиот јазик во Р*М не е на вистинското рамниште и оти целта на политичката битка на албанските партии треба да биде рамноправност на албанскиот јазик со македонскиот.
„Мораме да веруваме во институциите. Уставниот суд постои, за да ја оценува уставноста на законите. Ние, како Албанци треба да бидеме опуштени, да веруваме дека е добро осмислен и добро анализиран 5-тиот амандман на уставот, кој беше напишан и договорен со меѓународен експерт по судирот и оружената војна од 2001 година. Сите знаеме дека идејата на 5-тиот амандман беше албанскиот да стане официјален јазик исто како македонскиот јазик. Длабоко верувам дека правичното читање на Уставниот суд ќе ја унапреди употребата на албанскиот јазик на рамниште на службен јазик, бидејќи амандманот 5 вели дека македонскиот јазик и неговото писмо се официјални, како и другиот јазик, што го зборуваат повеќе од 20 проценти, е исто така во употреба како македонскиот јазик. Јас сум разговарал и со покојниот Џејмс Пердју, кој беше еден од олеснувачите и преговарачите за Охридскиот договор. Во една јавна расправа на прашањето зошто албанскиот не е официјален јазик Пердју одговори дека за тоа треба да бидат прашани политичарите. Идејата на Охридскиот договор беше албанскиот јазик да стане официјален на државно рамниште и затоа сум опуштен како ќе се толкува законот за јазиците. Ќе биде доволно да се протолкува објективно и нема да има ниеден проблем. Но, од друга страна, мора да научиме да не се плашиме, бидејќи испаѓа дека сме го прошверцувале албанскиот јазик. Не е така. Неговата употреба не е на потребното рамниште и нашата политичка борба мора да се одвива во насока да ги убедиме партиите во земјата албанскиот јазик еден ден да стане официјален, заедно со македонскиот.“ – изјави Африм Гаши.






