„Гардијан“: Духот на Александар Велики лебди над обидот за мир во Македонија

Британскиот весник „Гардијан“ во најновиот број се осврнува на заедничката вечера меѓу солунскиот градоначалник Јанис Бутарис и македонскиот премиер Зоран Заев во Солун, оценувајќи дека со неа тие испратиле сигнал дека непријателствата се минато.



Написот насловен „2.300 години подоцна духот на воинствениот јунак лебди над обидот за мир во Македонија“ го пренесуваме во целост:

„На тие што вечераа во рибји ресторан во Солун во саботата навечер би можело да им биде простено што мислеа дека го виделе духот на Александар Велики што лебди над нивните маси. Културното педигре на кралот на воините и историскиот досег секако беа во главите на присутните.

Ова не беше обичен оброк – ниту за Јанис Бутарис, градоначалник на Солун, ниту за неговиот гостин Зоран Заев, премиер на поранешната југословенска република Македонија. Двајцата испратија сигнал: старите непријателства припаѓаат на минатото, заедно со националистичката реторика што повеќе од четврт век ги задржа Грција и нејзиниот северен сосед во лоши односи.

‘Не изразувам национална дипломатија или стратегија’, изјави Бутарис за ‘Обзервер’. ‘Но, мислам дека ова срање мора да заврши’.

Спорот наизменично еруптира околу проблемот што се сведува на идентитетот. Во секоја реприза, фокусот секогаш е на Александар Велики – и на тоа кој има право да тврди дека е негов – и трнливото прашање како да се именува мултиетничката мини-држава.

Во Атина ‘Република Македонија’ е неприфатливо, бидејќи се смета дека подразбира иредентистички амбиции против соседната грчка провинција која го носи истото име. Од друга страна, во градот Скопје, кој ги негира територијалните претензии кон своите грчки соседи, се тврди дека има историско право на името загарантирано во Уставот.

Без оглед дали се гледа од аспект на кражба на култура или на именување, одмаздата останува горчлива како што е апстрактна. На двете страни има такви што ревносно тврдат дека како ексклузивни наследници на наследството на Александар, Македонија им припаѓа ним.

Но, одлуката на Заев да ја помине новогодишната ноќ во Солун е уште еден доказ дека емоциите се менуваат. И, велат официјални претставници во грчката коалиција предводена од левичарите, доказ дека спорот што еднаш ги стави соседите на воинствени позиции – и од 2008 година го блокира влезот на Скопје во НАТО и во ЕУ – наскоро ќе биде решен. ‘Тоа е глупав [спор] што треба да се реши’, смета министерот за внатрешни работи, Панос Скурлетис, истакната личност во владејачката партија Сириза. ‘Тие сакаат да го решат и мислам дека тоа ќе биде решено во 2018 година. Ако не сега, тогаш кога?’. Скурлетис има причина да биде оптимист. Во телевизиско интервју пред Божик, Заев рече дека неговата социјалдемократска влада е подготвена да се откаже од сопственоста на човекот што владеел со античкото кралство Македонија. ‘Се откажувам од тврдењето дека Македонија е единствениот наследник на Александар. Историјата не ни припаѓа само нам, туку и на Грција и на многу други земји’, рече тој, мислејќи на Македонија во поширока географска смисла.

Заев, исто така, ја осуди мамутската статуа и градењето кампања што ги разгоре страстите за време на неговиот националистички претходник Никола Груевски. Програмата го именуваше аеродромот, автопатиштата и стадионите по кралот воин, поттикнувајќи ги обвинувањата во Атина дека земјата краде симболи и херојски личности од античка Грција за да го поткрепи своето тврдење за името. Откако ја презеде функцијата во јуни, Владата на Заев сугерира дека ќе ги отстрани статуите што ги навредиле Грците.

Се чини дека реалполитиката и стравот од руското мешање на Балканот имаат приоритет. Спорот е најголемата пречка за интеграцијата на осиромашената Македонија со Западот. Ревносно проевропскиот Заев го направи пристапувањето кон ЕУ приоритет. Грција, самата во економска криза во најголемиот дел од деценијата, исто така, ќе добие ако се врати стабилноста во регионот.

Во она што се сметаше за голем компромис, Атина објави дека ќе прифати сложено име што може да го содржи зборот Македонија. Оспорените предлози за името вклучуваат додавање географски одредници како што се ‘горна’, ‘нова’ или ‘северна’ Македонија. Грците во најголем дел инсистираат да ја нарекуваат земјата Поранешна Југословенска Република Македонија (ФИРОМ), а нејзините два милиона жители ‘Скопјани’.

Пред дваесет и пет години во Солун видов повеќе од еден милион граѓани излезени на улиците, извикувајќи ‘Македонија е грчка!’. Сега градот ги поздравува своите словенски соседи како туристи. ‘Предолго сме во сенка на оваа националистичка глупост и популистичка пропаганда’, вели градоначалникот. ‘Ќе го одведам Заев во најдобриот рибји ресторан и без сомнение Александар Велики ќе биде дел од разговорот, но мојот приоритет ќе биде да се осигурам дека, како мој гостин, тој ќе си помине одлично“.