Дванаесет лица се удавија обидувајќи се да стигнат до помош фрлена од авион на плажа во Газа, јавува Ројтерс.



Видео снимката од воздушниот транспорт покажува толпи луѓе кои трчаат кон плажата во Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа додека сандаците со падобрани паѓаат на земја. На снимката потоа се гледаат луѓе кои влегуваат длабоко во вода и тела на луѓе извлечени на песокот.

Пентагон соопшти дека падобраните на три од 18-те пакети со помош што беа фрлени во Газа во понеделникот биле оштетени, поради што пакетите паднале во вода.

Американското воено министерство соопшти дека не може да потврди дали некој загинал при обидот да стигне до помош.

Тоа беше уште еден фатален инцидент за време на испораката на помош во преполната палестинска енклава.

Агенциите за помош велат дека само околу 1/5 од потребната помош влегува во Газа додека Израел ја продолжува воздушната и копнената офанзива што започна по нападот на Хамас на 7 октомври.