Во израелски воздушен напад загинаа најмалку 10 Палестинци во шаторски камп во кој се сместени раселените семејства во јужниот дел на Газа, јавува Ројтерс.
Десетте жртви, меѓу кои и жени и деца, беа убиени во шатор во Ал-Маваси, означен како хуманитарна зона во Кан Јунис.
Повредени се уште 15 лица. Израелската армија се уште не го коментираше нападот.
Во воздушниот напад загинаа и генералниот директор на полициската управа во Газа, Махмуд Салах и неговиот помошник Хусам Шахван.
Израел уби повеќе од 45.500 Палестинци во војната во Газа. Поголемиот дел од населението на енклавата од 2,3 милиони е раселено, а голем дел од малиот крајбрежен појас е во урнатини.
Војната беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.200 луѓе, а уште 251 беа земени како заложници во Газа.






