Вучиќ ѝ се извини на Македонија за тоа што „српскиот граѓанин“ Албин Курти се меша во нејзините внатрешни работи!

Српскиот претседател Александар Вучиќ пред Советот за безбедност на Обединетите нации го обвини косовскиот премиер Албин Курти за мешање во внатрешните работи на Македонија преку негови блиски соработници, а македонски државјани, кои ќе учествуваат на претстојните парламентарни избори во земјава.



На седницата на Советот, на која се разгледуваше шестмесечниот извештај на генералниот секретар Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ООН во Косово (УНМИК), Вучиќ оцени дека Курти не присуствувал на сесијата во Њујорк зошто бил „зафатен со спроведувањето на предизборната кампања на својата партија во соседна држава“.

„Сакам да му пренесам на народот во Македонија дека зад мешањето во нејзините внатрешни работи не стои политиката на Србија, туку нашиот неодговорен граѓанин Албин Курти“, рече шефот на српската држава.

„Замислете, најпопуларен политичар во Македонија не е Курти, туку претседателот на Србија, Вучиќ, кој нема кампања во Македонија. Како претседател на Србија, се извинувам што нашиот граѓанин се однесува така на меѓународната сцена“, додаде тој.