Вучиќ предложи лекар за иден премиер на Србија

Претседател Александар Вучиќ доцна синоќа објави дека професор д-р Ѓуро Мацут ќе биде номиниран за иден премиер на Србија.



„Откако ги слушнав мислењата на претставниците на избирачките листи, донесувам одлука во врска со предлогот за кандидат за претседател на Владата на Република Србија. На Народното собрание на Република Србија му предлагам Ѓуро Мацут за кандидат за премиер“, се вели во одлуката потпишана од претседателот Вучиќ.

Вучиќ истакна дека Мацут ги поседува потребните професионални и лични квалитети, како и стручност и посветеност за премиерската функција.

Мацут е истакнат ендокринолог, професор по интерна медицина и ендокринологија на Универзитетот во Белград. Тој не е партиски определен.

Законскиот рок за избор на новата влада е 18-ти април, а доколку тоа не се случи, претседателот на Србија е должен да ја распушти Скупштината (парламентот) и да распише вонредни парламентарни избори кои треба да се одржат во рок од 45 до 60 дена, а тоа е почетокот на јуни.

Предлогот за нов премиер доаѓа по оставката на премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка под притисок на студентските демонстрации во земјата кои почнаа по трагичната несреќа во Нови Сад кога загинаа 16 луѓе.