Многу брзо и едноставно, со само неколку потези, седејќи дома може да купите што ќе посакате. Во денешницата, понудата на интернет е поголема од онаа во трговските маркети. Нарачката веднаш се прави, но што биде испорачано, тоа е друго прашање. Додека онлајн продажбата расте, растат и измамите, особено на социјалните мрежи, анализира МРТ1.

Од Организацијата на потрошувачи велат дека само лани добиле над 400 поплаки од граѓани во делот на онлајн купувањето. Најмногу од нив, односно 20 проценти биле за измами преку Фејсбук. Оттаму апелираат, потрошувачите да не даваат лични податоци доколку се работи за сомнителни интернет страни.
Еве го целото видео со соговорниците.

И Државниот пазарен инспекторат апелира граѓаните пред да извршат онлајн нарачка – да ги проверат податоците за компанијата, и лицето кое ги продава производите, веродостојноста на е-продавницата, и да не го примаат производот без да им биде издадена фискална сметка или фактура. Апелираат ако постои каков било сомнеж за измама, веднаш да пријават во Инспекцијата.
Кога се купува преку интернет, граѓаните да отворат четири очи, велат и ИТ експертите. Деканот на ФИНКИ објаснува дека кај онлајн продажбата, особено важно е да може да се направи дистинкција меѓу легалната и нелегалната продажба. Алармираат ако во случај забележат дека им се злоупотребени личните податоци или банкарски картички, веднаш да пријават во МВР и Агенцијата за заштита на личните податоци.

Пред да се достават личните податоци, особено важно е да се информираат граѓаните дали се вклучени трошоците на испораката но и манипулативните кои подоцна може да имаат влијание врз цената на производот.
Надлежните велат дека во земјава сè уште нема механизам со кој би се спречиле онлајн измамите, но затоа алармираат да се внимава, за да не останат граѓаните и без пари, и без производ. Колку за потсетување, само лани, над половина милијарда евра граѓаните потрошиле во онлајн продавници.





