Пораката на Панос Каменос, дека нема да се согласи со употребата на терминот „Македонија“ во кој било предлог за името на северниот грчки сосед, ги комплицира напорите на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас за решавање на спорот со името.



„Што се однесува до мене, не како министер за одбрана, туку во својство на лидер на партијата (Независни Грци – н.з.), ве уверувам дека никогаш нема да се согласам на каква било употреба на грчкиот термин „Македонија“ за името на Скопје, изјави Каменос.

Ставот на Каменос може да предизвика проблеми во дипломатските напори на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас за изнаоѓање на решение за долготрајниот проблем бидејќи ги ограничува достапните опции, коментираат грчки медиуми.

Шефот на грчката дипломатија, дури и изјави дека преговорите за името можат успешно да се завршат до првата половина на годината од 2018 година, повикувајќи го Скопје да ги забрза контактите за да се најде решение пред двете земји да влезат во изборниот циклус од 2019 година.

Поранешната министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, преку „Твитер“ го потсети Каменос дека пред самитот во Букурешт во 2008, дури два пати гласал за сложено име кое би содржело географска одредница пред името Македонија.

Но, сега, националистичката „Независни Грци“, помалиот коалиционен партнер во владата на премиерот Алексис Ципрас, за која Македонија бил „грчки збор“, може да го компликува постигнувањето компромис во Грција околу евентуално новото име за пЈРМ – како што ја нарекуваат Република Македонија – зашто се очекува сите партии да застанат зад решението за име што ќе биде прифатливо за грчката страна.

Министерот за надворешни работи, Коѕиас, досега не кажа кои се потенцијалните имиња „за Скопје“ што биле ставени на маса, но изјави дека грчката страна бара пакет-решение кое ќе ги покрива сите аспекти на прашањето, како што се името, обемот на употреба и дериватите (јазикот, нацијата, трговската употреба) од тоа ново име.

Грчките трговци се особено загрижени за комерцијална експлоатација на името, односно за тоа како во иднина ќе се идентификуваат производите што ги извезува соседната земја, а досега оделе со „Made in Macedonia“.