ВРЕДИ: Ќе победиме во сите албански општини на локалните избори

Коалицијата ВРЕДИ најави дека ќе извојува победа во сите албански општини на локалните избори што треба да се одржат во октомври, воедно критикувајќи ја опозициската ДУИ за нејзиното дведецениско владеење.



„Откако 20 години крадеа, измамуваа и уништуваа секоја албанска надеж, сега без срам излегуваат и бараат граѓаните да им дадат уште една шанса! Тие што ја користеа моќта за лични интереси, денес, фрустрирани и разоткриени, бараат враќање на старите времиња на заробување и уцена“, соопштија од Коалицијата ВРЕДИ

За ДУИ велат дека таа партија ја претворила секоја институција во партиска испостава, омаловажувајќи ги интелектуалците и разменувајќи ги правата на Албанците за ниски политички адути.

„Коалицијата ВРЕДИ е одговорот на Албанците на оваа скапана политика! Ние сме на власт за да ја донесеме промената што народот ја бара и нема да застанеме додека секој Албанец не се почувствува слободен, рамноправен и достоинствен во својата земја“, нагласија од Вреди.

Од Коалицијата Вреди најавуваат дека на октомвриските локални избори ќе победат во сите албански општини, со чисти раце и чесен пристап кон граѓаните.

„Времето на ДУИ заврши! Ветерот на промените започна и никој не може да го запре! Вреди победува, Албанците победуваат!“, порачуваат од Коалицијата ВРЕДИ.