„ДУИ ќе се обиде, но нивниот капацитет за дестабилизација е слаб. Ова е оценката на партииите од коалицијата Вреди во врска со предупредувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека раководството на ДУИ се подготвува да ја дестабилизира земјата наесен за, како што вели, да го заштити капиталот стекнат во дваесетгодишниот период, додека беше на власт, а не како што тврдат од ДУИ, за наводна заштита на легитимитетот на застапеноста во власта.“ – објави ТВ Алсат.
ТВ Алсат пишува: Според Вреди, идејата на ДУИ е да ги држи Албанците како заложници во обид да се избегне судската одговорност за кражбите, што ги направија врз народот во последните 22 години од режимот. „Албанците нема да дозволат ова криминализирано раководство на ДУИ да ги потцени. Знаат дека на Ахмети, Груби, Османи, Мерко, Бектеши и компанија воопшто не им е грижа за Охридскиот рамковен договор, туку се грижат само за семејниот капитал, стекнат на незаконски начин. Нивниот капацитет за дестабилизација е слаб во моментов и ќе продолжи да слабее уште повеќе, со поднесување на кривични пријави за нивните злоупотреби. Со тоа ќе се разоткрива вистината за владеењето на ДУИ.“ – велат од коалицијата Вреди.
Во врска со овие најави СДСМ побара Обвинителството да отвори истрага и да го повика премиерот Христијан Мицкоски да даде изјава, а претседателката Гордана Силјановска Давкова да го свика Советот за безбедност. ДУИ ги нарекува политички блеф тврдењата на Мицкоски, притоа не отстапувајќи од позицијата дека тие се легитимен претставник на Албанците и тоа ќе го бранат со преземање демократски мерки. „Без да сакаме да коментираме политички спинови и блефови, сакаме да појасниме дека добивме мандат и одговорност од албанските гласачи да ги заштитиме легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во * Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства да го запреме понижувањето и мајоризацијата на Албанците од наметнувањето на вазалите.“ – велат од ДУИ.
Инаку, предупредувањата дека раководството на ДУИ ќе ја дестабилизира државата доаѓаат во момент кога новата влада предупреди дека ќе поднесе тужба за законските прекршувања, констатирани во институциите. ДУИ продолжува да го оспорува вклучувањето на коалицијата Вреди во владата, тврдејќи дека тие се легитимни претставници на албанскиот политички табор. ДУИ инсистира на непишаниот принцип дека победникот во политичкиот камп на Македонците треба да коалицира со победникот кај Албанците. Овој принцип беше прекршен од ДУИ во 2016 година, но сега таа предложи да стане закон.





