Коалицијата ВРЕДИ истакнува дека тие се за единство на Албанците и дека се залагаат за реализација на програмските точки, кои одговараат на потребите на Албанците.



„Како што споделивме со јавноста, ние сме посветени ВРЕДИ да прерасне и да се развие во политичко движење што ќе одговори на потребите на Албанците со добро дефинирани стратешки чекори“, се вели во денешното соопштение, пренесува „Телеграфи“.

Од ВРЕДИ велат дека опозициската партија ДУИ клевети кога зборува за принципите на Охридскиот договор.

„Во овие времиња на тектонски политички промени, во кои ДУИ и нејзините сателити во опозицијата секојдневно клеветат, фабрикуваат и подготвуваат амбиент за оспорување на придобивките од Охридскиот договор заради сузбивање на криминалот, од суштинско значење е да се обединиме уште посилно и да работиме заедно за да одговориме на потребите на граѓаните, особено на Албанците.

ВРЕДИ е изградена врз принципите на правда, транспарентност и посветеност за обезбедување на највисок животен стандард на граѓаните.

Нашата политичка стабилност е нашата најголема сила и гаранција дека граѓаните можат да се потпрат на нас за фер и ефективно владеење“, се вели меѓу другото во соопштението.

„Нашата цел е да создадеме политичко движење кое не само што ќе ги идентификува и решава секојдневните проблеми на Албанците, туку и ќе нуди конкретни и остварливи решенија за поставување на темелите за сигурна иднина.

Сметаме дека со добро дефинирани чекори и одлучни акции можеме да ги донесеме потребните промени и да изградиме подобра иднина за сите“, велат од ВРЕДИ.