„ДУИ е вознемирена, затоа што не успеа нејзиниот план за укинување на Законот за јазиците и со тоа за дестабилизација на државата. Планот на Али Ахмети и Бујар Османи, преку судиите што ги назначија во Уставниот суд, да го загрозат албанскиот јазик во С.Македонија и да ја дестабилизираат земјата, не успеа пред да добие на интензитет. Бујар Османи, како почетник во политиката и без кредибилитет, не е во состојба да го скрие своето разочарување.“ – реагира жестоко коалицијата Вреди кон ДУИ и нејзините челници. Реакцијата на Вреди ја пренесе информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.
Натаму коалицијата Вреди во своето истапување во јавноста истакнува: „ДУИ беше подготвена да го жртвува албанскиот јазик само заради една ниска цел: да се врати на власт по секоја цена. Но, не треба никој да се обеспокојува: албанскиот јазик не е предмет на преговори. Вреди нема да дозволи никаков чекор назад во правата на Албанците.“
„Измамите завршија. ДУИ две децении ги правеше работите половично, заради шоу, фрлајќи ѝ пепел во очите на албанската јавност и користејќи го националното прашање за лично и партиско пазарење.“
„Претстојните локални избори веќе не се само избори. Тие се референдум за албанскиот јазик, за рамноправност на Албанците во оваа земја и за да ѝ се стави конечно печат на ДУИ како на ‘непожелна партија’ – ‘нон грата партија’, како на ‘организација’ на тесни лични интереси!“ – реагира Вреди.





