„Ние, поранешните вработени во пропаднатата фирма во ликвидација „Медиа принт“ и на ограбената медиумска компанија со матен статус „Медиа принт Македонија“ ги прашуваме Срѓан Керим и Јана Станисављева каде се нашите пари.
  Овие две личности, нивниот доскорешен партнер Орце Камчев, како и Александар Динев, на вработените во МП, МПМ, Графички центар и во „Телеграф“ им должат по две до три неисплатени плати и придонеси, но пред се, им должат одговори на многу прашања.“



Ова е дел од Отвореното писмо до медиумите потпишано од поранешни вработени во МПМ и МП, кое денес беше споделено и на социјалните мрежи..

„Дали Срѓан Керим, неколку месеци по уништувањето и згаснувањето на дневните весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, неделникот „Теа Модерна“ и веб-порталот „Телеграф“ не чувствува трошка срам што 400 луѓе заради него останаа без работа..

Си помислува ли дека историјата ќе го запише како лик кој сакаше да управува со светот преку лидерство во ООН, а само успеа да стане гробар на најквалитетните весници во Македонија“?

Мисли ли Керим дека времето кога се криеше од новинарите кои штрајкуваа за плати поминало, дека се е заборавено, па сега пак ќе се перчи? (…)Тој прво треба да каже каде се весниците и каде се нашите пари пред да зборува што било друго“.

…Спие ли мирно Станисављева – се вели натаму во писмото – откако со платата од 25.000 евра месечно си обезбеди егзистенција за неколку децении, а вработените останаа на улица и без леб? Се чувствува ли за успешна менаџерка откако профитабилната компанија пропадна под нејзин потпис?

„Керим и Станисављева не ни мора нам да ни одговарат на овие прашања… Ние само ги бараме нашите плати и ќе продолжиме да ги прашуваме двајцава бизнисмени, исто како и најбогатиот Балканец, Камчев, кој ем делел по 25.000 евра месечно ем должи ситни плати, исто како и директорот на несреќната МП, Александар Динев: Каде се парите?
Апелираме до надлежните што поскоро да го испитаат моментниот статус на фирмите МПМ и на МП, а личностиве ги повикуваме да се раздолжат со вработените и да ги продадат брендовите кои немилосрдно ги уништија“, се вели во писмото од поранешни вработени во МПМ и МП кое денес беше споделено на социјалните мрежи.