Дилавер Бојку Лека им подлегна на повредите кои ги доби откако непознат сторител во понеделник попладне му пукаше в глава на една од плажите во негова споственост во Струга. Велештанецот кој беше познат како балкански макро број 1, според извори од градот на Дрим е жртва на крвна одмазда за која, било само прашање на ден кога ќе се случи. Истите посочуваат кон фамилијата Истрефи која пред две години загубила член во пресметка со кланот на Бојку.



Куршум во чело, велат била пораката, која Истрефи ја испратиле преку струшкото подземје. Таму веруваат дека мотив за убиството е крвната одмазда и дека убиецот, кој е во бегство, најверојатно е таткото на убиениот Ситем Истрефи (23) или, пак, тој е нарачателот, а извршител е платен убиец.

Повеќе плажи, концесии, бизниси биле причина за првичните недоразбирања и  пресметката на членови на семејствата Бојку од Велешта и Истрефи од Долна Белица уште пред две години. Тие се судриле на 13. декември 2015. година во населбата Езерски лозја пред Струга, кога во огнена престрелка на двете банди загинал Ситем Истрефи, а неговиот брат Прентим бил тешко ранет. Во пресметката биле употребени автоматско оружје и пиштоли. Од другата страна во револверашкиот двобој биле братот и синот на Дилавер Бојку. Во таа престрелка потешко бил ранет братот на Бојку, Башким Б. (45), кој сѐ уште е во притвор додека синот на Бојку и натаму се води како бегалец.