Наспроти антимакедонскиот митинг во Солун, на кој 90.000 луѓе, според полицијата, протестираа против користењето на зборот Македонија во името на северниот сосед, имало и контрапротест, кој грчките медиуми им го припишуваат на анархистите, но меѓу нив имаше и лица со промакедонски ставови од т.н. Антиавторитарно движење.
Завчера тие организираа протестна парада со мотоцикли низ градот, за вчера да се соберат еден час пред големиот митинг, а за нивната идеологија зборува повикот за протестот со три барања: „за признавање на македонското малцинство, неговиот јазик и традиција и безусловно враќање на македонските политички бегалци“, „против грчки (и секаков) национализам – економски империјализам“ и „за заедничка борба на работничките општества во Грција – Македонија – Балкан против капиталот и државите и нивните творби“.
Движењето во својот проглас го сублимира во четири точки проблемот, детално анализирајќи ја секоја од нив под меѓунасловите: 1. Македонското прашање како основен столб на формирањето на грчкиот национализам; 2. Националните држави (и на Балканот) се граѓански конструкции; 3. Грција: Шеф на Балканот; 4. Националното единство е стапица.
За контрапротестот пишува и грчкиот весник „Катимерини“.

„Кратко време по 15 часот во близина на центарот на Солун група демонстранти со грчки и македонски знамиња (грчката верзија на Сонцето од Кутлеш) пристапија на контрамитингот на анархистите. Околу 50 анархисти одговорија на увертирата, но беа поттиснати од полицијата за немири. Следуваше кратка ‘размена’ со анархистите, кои фрлаа камења и полицијата употреби солзавец“, стои во написот.