Во регионот минималецот надмина 400 евра, македонскиот работник закован на дното

Лоша прогноза за луѓето, особено оние со ниски примања. Работниците во Македонија, кои се „на минимална плата“ добиваат 367 евра месечно, но и овие пари се доцнат и не ги земаат редовно. За разлика од кај нас во земјите од регионот минималецот веќе надмина 400 евра.



Минималната плата во Србија во 2025 година ќе изнесува 458 евра, Црна Гора има минимална загарантирана плата од 450 евра, која од октомври треба да биде 700 евра, од јануари 2024 година минималецот во Хрватска е 677 евра, во Бугарија минималецот сега изнесува 477 евра, а од наредната година ќе се зголеми на 500 евра, а Словенија е убедливо на врвот со 1.253,90 евра минимална плата.

Синдикатот бара пристојни плати за да се врати достоинството кај работниците, бидејќи како што велат ако не се зголеми минималната на 450 евра, а со тоа и останатите примања – ќе нема кој да работи. Дури и увезените работници бегаат од државата.

Од ССМ велат дека околу 35 илјади работници земаат минимална плата од 22.500 денари, 9.000 пак на сметка добиваат од еден до 5 денари повеќе од минималецот, што е спротивно на законот. Газдите  со неплаќање придонеси и давање плата во плик, годишно го оштетуваат буџетот за 250 милиони евра, велат од Синдикатот.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши во телефонско јавување за Стадион истакна дека не треба да се брза и дека ССМ треба да причекаат со барањето за покачување на минималната плата, истото според усвоената методологија секако ќе се случи во март наредната година.

  • Поднесено е до Влада барањето да се конституира економско-социјалниот совет. Според закон минималната плата ќе се зголеми следната година во март. За да има зголемување на минималната плата претходно како што бараат синдикатите, треба да се направи смена на законот, а за тоа треба зелено светло од економскиот-социјален совет, значи најпрво треба да се формира тој совет, вели Дурмиши.

    Дециден е дека сите одлуки мора да се носат откако претходно ќе се слушнат барањата на сите инволвирани страни, а не само на работниците.
  • Одлуките мора да се носат со консензус и мора да се слушнат барањата и на работниците и на бизнисот. Сепак компаниите се тие кои ги креираат работните места. Мора да се носат мерки кои ќе значат раст и развој на економијата и отварање на подобро платени работни места и зголемување на животниот стандард на граѓаните, нагласува Дурмиши.