Во голема полициска акција во Тетово уапсен Ш.Ш. (41), осомничен за убиството на Мухамед Асани на 12.10.2013 со „калашников“

„Ш.Ш. (41) од тетовското село Порој е првиот уапсен во големата полициска акција, која се одвиваше во текот на изминатава ноќ, на 12-ти спроти 13-ти ноември 2024 година во тетовскиот регион. Ш..Ш. е осомничен дека го убил Мухамед Асани, познат под прекарот ‘Мека’, во 2013 година на автопатот Тетово-Гостивар, кога бил пронајден мртов во својот автомобил.“ објави информативниот портал на албански јазик „Без цензура“.



Натаму порталот пишува: За Мухамед Асани, кој беше убиен во 2013 година, има малку јавно обелоденети информации. Неговото убиство го шокираше Тетово таа година. За тој случај се уште не е добиен јасен одговор за мотивите или сторителите, но се смета дека најновата полициска акција ќе придонесе да се фатат сторителите. Досега се уапсени неколку лица. Тие дадоа докази, кои помогнаа да се реконструира настанот, расветлувајќи го начинот како било организирано злосторството. Големата полициска акција во Тетово, координирана од Министерството за внатрешни работи, има за цел да го расветли овој тежок криминален случај, што се случил пред единаесет години и се очекува да извади на виделина важни детали за настанот. Се очекува да се прошири полициската операција и по одредено време да бидат објавени и други официјални информации.

Во информацијата со наслов „Кој пукал со калашников во Мухамед А.?“ од 13 октомври 2013 година ТВ Канал 5 има објавено: Безживотното тело на 32-годишниот Мухамед Асани – Мека од Тетово минатата ноќ, на 12 октомври 2013 година околу 22 часот било пронајдено од полициска патрола покрај автомобил голф 3 со тетовски регистерски таблички на локалниот пат кон селото Пирок. Полицајците биле во редовна патрола на патот, што ги поврзува тетовските села Жеровјане и Пирок, и при тоа го забележале безживотното тело целото облиено со крв покрај автомобилот, што бил во погон и оставен во место. Телото било во легната положба на грб и врз неговиот горен дел и на главата имало повеќе прострелни влезно излезни рани. При увидот биле пронајдени две празни чаури за автоматска пушка калибар 7,62 милиметри. Тетовската полиција информираше дека Асани од претходно бил познат како повеќекратен нарушувач на јавниот ред и мир и оти за него имало и повеќе кривични пријави .