При спроведената контрола кај производителот на свежата зелка што неодамна беше извезена за хрватскиот пазар, а потоа беше вратена оттаму поради нејзина наводна неисправност, не е откриена употреба на забранети препарати за заштита. За ова денеска информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, додавајќи дека за спорната пратка е интервенирано веднаш.
„За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство направени беа дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарски продукт. Направените анализи испаднаа негативни, односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура“, рече Трипуновски.

Министерот рече дека не знае дали се работи за грешка на хрватските гранични контроли, но категоричен е дека кај посочениот земјоделец од земјава не се пронајдени недозволени пестициди, ниту, пак, направените анализи покажале употреба на забранети средства кај конкретниот градинарски продукт.
Во меѓу време, Трипуновски при последната псоета во Охрид истакна дека после 6 години застој езерото ќе биде порибено со милион и педесет илјади парчиња единки подмладок на пастрмка се со цел да се зачува ендемичниот вид како еден од нашите национални богатства. Во текот на 2024 година на Охридското Езеро запленети се 709 мрежи во вкупна должина од околу 47 километри.





