Во Бугарија не исклучуваат отпор од Руската црква за барањето од МПЦ

Во однос на барањето на Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) до Бугарска православна црква (БПЦ) да ѝ стане мајка не е исклучено спротивставување од Руската црква, предупредуваат упатени во оваа проблематика кај источниот сосед.



„Вистинскиот отпор може да дојде од Руската црква, со оглед на тоа дека таа има проблем со Украинска православна црква, која исто така сака да добие автокефалност од неа. Опасноста е дека, ако почне еднострано давање автокефалност – ние ѝ дадеме на Македонија, може да се случи Константинопол (Цариградска патријаршија – н.з.) да ѝ даде на Украина или некој друг да даде…“, изјави Калин Јанакиев, филозоф и автор на многу книги со богословска содржина, за порталот „Дир“.

Мудрото решение за БПЦ, според него, е таа веднаш да влезе во евхаристиско единство со МПЦ-ОА, кое подразбира заеднички богослужби и прослави на празници, како и да почне интензивни преговори со помесните православни цркви за постигнување консензус околу статусот на Македонската црква. Во меѓувреме, смета Јанакиев, БПЦ не треба да брза со сопственото произнесување околу барањето на МПЦ-ОА за признавање на автокефалноста, во замена за што таа ќе ја прифати како црква-мајка.