Според резултатите од пописот што денеска ги објави албанскиот институт за статистика ИНСТАТ, во оваа земја живеат 2.281 Македонци. Како Бугари се попишани 7.957 лица. Во статистичкиот преглед е наведена припадноста за сите етнички заедници, освен за Македонците. Кај нив стои „северна Македонија“. Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица како Бугари. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин. Овој попис отвора голема дилема, поточно голема сомнеж: кај „исчезнаа“ повеќе од 120 илјади Македонци, кои што живеат во Албанија?! Дали при спроведувањето на пописот на населението во оваа држава се случил „бугарски демографски инженеринг“ по волјата на официјална Софија? Дали Албанија избриша од својот статистички „список на живите“ повеќе од 120 илјади Македонци, кои живеат таму, по налог и диктат на Бугарија, за да не добие блокада на својот евроинтеграциски процес?!
„Според претставниците на македонските асоцијации, во Албанија живеат повеќе од 120 илјади етнички Македонци. Тие се категорични дека во Албанија нема бугарско малцинство и оти на ниеден досегашен попис таму никој не се изјаснил како Бугарин.“ – беше нагласено пред две години во анализата со наслов „Бугарија си создава малцинство и во Албанија “, објавена во весникот „Слободен печат“.
„Бугарска заедница во Албанија значи проект на Голема Бугарија. Проблемот е повеќе поврзан со Македонија. Бугарија не ја признава македонската нација. Секаде каде што има Македонци таа тврди дека се Бугари. Сега ја шири својата пропаганда во областите во Албанија.“ – има кажано Васил Стерјовски, пратеник во албанскиот Парламент од Македонската алијанса за европска интеграција, во изјава за таа анализа.
Тогаш Стерјовски предупреди дека однесувањето на Бугарија е мешање во внатрешните работи на Албанија, од каде нема никаква реакција. „Македонското малцинство се чувствува загрозено. Немаме одговор од албанската држава за сета оваа бугарска пропаганда, што се одвива во областите со македонско малцинство. Бугарија се обидува да нѐ асимилира со методи од 19 век .“





