Уставниот суд вчера не покрена постапка за оценување на уставноста и на законитоста на параграфот број 7 од Правилото за односите во вршењето на службата на Армијата на Македонија, донесено во јули 2012 година од Началникот на Генералштабот, според кој воениот персонал на служба на АРМ мора секогаш да биде уредно облечен, избричен и потстрижен, пренесе Фокус.
„Се потстрижуваат средно зулфите, до половина на увото, а косата да не паѓа на ушите и јаката на облеката, односно да не се витка преку работ на капата, шапката или баретката. Не смее да носи брада, а ако носи мустаќи, треба да бидат долги 0,8 сантиметри од горната уста и не смеат да преминуваат преку неа. Косата не смее да биде подолга од 5 сантиметри“, се вели во оспорената одредба.
Подносител на иницијативата е Здружението за развој Млади за јавен интерес, од Дебар.
„Подносителите наведуваат дека прашањето за носење брада е правно допуштено со Уставот и со Европската конвенција, а ваквата одредба претставува мешање во правото на приватен живот. Се наведува дека е апсурдно што не се забранува носење на бркови, а притоа постои апсолутна забрана за носење на брада“, соопшти Уставниот суд.





