„По 1991 година и распадот на Југославија, државата (Македонија) избра идеално решение за да се амортизираат грчките „опсесии“. Народот и власта, почитувајќи ги грчките „стравови“ и грчките резерви околу употребувањето на терминот „Македонија (зашто во северна Грција има регион …) реши федеративната компонента „Социјалистичка Република Македонија“, како млада независна држава да се вика, не Македонија, туку „Република Македонија“.
Власта и народот одбраа идеален префикс, „Република“ или на англиски „Rеpublic of“, за да се направи јасно разликување од регионот во северна Грција“.
Ова е дел од статусот на Фејсбук на Павлос Воскопулос Филипов од Партијата „Виножито“ околу кој гравитира македонското малцинство во Грција и која е членка на Европската слободна алијанса (ЕФА).
Во врска со непочитувањето на Грција на правото на самоопределување на еден народ што, според него, е главен проблем во односите со Македонија, Воскопулос натаму вели:
„Што е уште поважно, нема ни 1 cm2 земја во Грција што се вика Република Македонија. Затоа нема ни минимум причини за ‘конфузии’ со употребата на името на државата Република Македонија.
Точка!
Ние Македонците, припадници на македонското национално малцинство во Грција, жалиме што Грција имплементира деструктивна, анти-европска политика во врска со темата (за името – н.з.) против добрососедските односи во регионот.
Ја повикуваме Грција да ја поправи оваа негативна позиција – политика, за доброто на регионот и пошироко“, апелира Воскопулос.
Овој статус на Воскопулос е на линија на тврдењата дека Македонија веќе има „сложено име“ кое прави јасна дистинкција од провинцијата во Грција која го доби името „Македонија“ во 1987 година, како и од територијата на античка Македонија.
И дека се апсурдни се барањата на Грција за промена на името за да се направат дистинкциите кои веќе постојат. Освен, ако не е во прашање промена и идентитетот на народот, јазикот, трговските брендови… што не е еднаш „неофицијално“ е спомнато.





