Австралискиот ултимејтфајтер со македонско потекло Александар „Велики“ Волкановски в недела од 4 часот по средноевропско време во Мајами ќе се врати во октагонот против Бразилецот Диего Лопеш во мечот за испразнетата светска титула во перолесна категорија по преселбата на шампионот Илија Топурија од Грузија во лесна категорија.



Со овој дуел 36-годишниот поранешен светски првак Волкановски ќе ја прекине 14-месечната пауза по претрпениот нокаут од Топурија и ќе се обиде да влезе во историјата како втор двократен шампион во перолесна категорија по Хозе Алдо во 2016 година.

За синот на Тоде од битолското село Беранци ова ќе биде 31. меч во неговата професионална кариера, во која има 26 победи и 4 порази, наспроти 26. победи и 6 порази на 30-годишниот ривал.

Лопеш е во налет, има пет победи во последните 13 месеци, но обложувалниците му даваат предност на Волкановски поради искуството и петте успешни одбрани на шампионскиот појас, и покрај поразите со нокаут во двата последни меча, претпоследниот од Русинот Ислам Махачев.