Податоците од последниот извештај на Агенцијата за регулирање на железничкиот сообраќај откриваат дека платите на малкуте вработени се навистина „задоволителни“. Во ова тело, кое е задолжено да го регулира железничкиот сообраќај, каде нема конкуренција, бидејќи домашната компанија МЖ Транспорт е единствена која вози, минатата година бројот на вработени се зголемил од тројца на пет лица.
Бројките кои ова тело ги објави во годишниот извештај кој денес е на разгледување пред пратениците во Комисијата за транспорт и врски, говорат дека месечно вработените во ова тело добиваат по 1.600 евра. Во споменатата сума се вклучени и трошоци за социјално и здравствено осигурување, или поточно станува збор за така наречената бруто плата.
– Во ставката плати, надоместоци и трошоци на вработени предвидени се средства за исплата на плати, надоместоци на плати и даноци и придонеси од плати за 3 тековно вработени и 2 нови вработувања. Предвидениот износ за оваа ставка изнесува 6.217.000 денари – се наведува во извештајот на Агенцијата.
Грубата пресметка покажува дека ако сумата од 6.217.000 денари (101.089 евра) се подели на пет лица, по 12 месеци годишно, секој вработен би добил по 1.680 евра плата месечно, секако со вклучени социјални трансфери. Но, со оглед на фактот дека во сите институции има систематизација на работните места, и тука голема е веројатноста директорот да добива повисока плата, додека останатите вработени пониска.

Сликата ги покажува плановите на Агенцијата за платите, поточно колку средства се планирани за вработените и за новите лица кои биле примени во текот на 2023 година.
Генерално извештајот открива дека вкупно планирани средства за расходи по оданочување во агенцијата достигнувале 19.979.000 денари или 324 милиони евра.
– Во текот на 2023 година Агенцијата предвидува вложувања во опрема и средства во износ од 4.300.000 денари, кои се помали во однос на минатата година. Поради дотраеност на опремата набавена при основањето, а и зголемување на бројот на вработни Агенцијата има потреба од доопремување со канцелариски мебел, хардвер за креирање на електронска база на податоци, набавка на софтвери и компјутерска опрема – пишува во извештајот. Но, ова не се единствените трошоци на Агенцијата, кои имаат трошоци за интелектуални услуги, за курсни разлики, дневници за службени патувања, премии за осигрување, издатоци за реклама, пропаганда и репрезентација, транспортни услуги, потрошени материјали, енергија и други трошоци…
Агенцијата согласно Законот за железнички систем е надлежна за издавање дозволи за вршење јавен железнички превоз, дозволи за превоз за сопствени потреби, дозволи за управуање со железничката инфраструктура и конторола на издадените дозволи. Таа исто така има надлежност да решава по жалби на железничките превозници по актите донесени од управителот на инфраструктурата. Да врши контрола на квалитетот на железничките услуги од страна на превозникот и управителот на инфраструктурата од аспект на точност, безбедност и достапност на услугите, како и контрола над активностите на компаниите во насока на почитување на правата на патниците.
– Приходниот дел од финансискиот план за 2023 година на Агенцијата се предвидува во износ од 19.979.000 денари, што е помал за 7 проценти по неколку основи – пишува во извештајот.
Во јавноста чести беа дебатите за потребата и оправданоста на многубројните институции за регулирање на сегменти кои во суштина се монополизирани, како што е случајот со железницата, каде освен домашната компанија, друга компанија нема дозвола за превоз. Оваа дебата беше особено актуелна по одлуката да се одложи либерализацијата на железницата се до влез во Европската унија, но ова тело и понатаму функционира.
Извор: Фактор





