Доколку дојде до признавање на Македонската православна црква за наследник на Охридската архиепископија, која беше заедничка, тоа ќе биде од исклучителна корист. Така ќе се овозможи прашањата поврзани со духовноста на секој државјанин на двете држави да биде на некој начин насочени кон главната цел – да се прескокнат натрупаните недоразбирања низ годините, пишува Стефан Воденичаров, поранешен претседател на Бугарската академија на науките(БАН) во анализа за БГНЕС.
Според него, Бугарската православна црква и македонската православна црква, како и двете држави, имаат висока одговорност кон своите следбеници.
„Се разбира, ова бара мудрост од двете цркви… Не ги знам правилата на црковната активност, ниту кои чекори треба да се преземат. Да се надеваме дека мудроста и чувството на одговорност ќе преовладат“, вели Воденичаров во анализата која има врска со поддршката што Македонската православна црква ја даде за Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија потпишан на 1 август.
Ова е историски момент, смета тој, и ако се направи таков чекор, тој ќе влезе во историјата, а луѓето што учествуваат во неа ќе бидат запишани со светли имиња. Треба да се привлече вниманието на политичарите да посветат време за решавање на такви прашања (признавање на МПЦ-ОА) и да помогнат еден таков процес.
Акумулираните недоразбирања помеѓу Бугарија и Република Македонија се донесени однадвор, смета тој. Тие не се појавија меѓу двете земји и меѓу граѓаните на двете земји. „Ние треба да ги надминеме овие недоразбирања што е можно поскоро, бидејќи кога ќе бидеме заедно, кога ќе работиме заедно, ќе бидеме поуспешни и посигурни“, вели Воденичаров.





