ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави средбата Заев-Ципрас, но…

ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави средбата меѓу премиерите на Република Македонија и Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, одржана вчера во швајцарскиот град Давос.



Во партиското соопштение истакнуваат дека директните контакти на двајцата премиери може да придонесат за продлабочување на односите и градење на позитивна клима меѓу двете земји.

Но, повторно се потенцира дека партијата нема никакви информации во врска со преговарачкиот процес и дали најавите за промена на имињата на аеродромот и автопатот се дел од поширока стратегија или се работи за едностран чекор на македонската влада.

„Во овој момент ВМРО-ДПМНЕ нема никаква информација за процесот на преговори околу проблемот кој што соседна Грција го има со нашето име. Оттаму, не знаеме дали најавите на Зоран Заев за преименување на аеродромот и автопатот се дел од некоја поширока стратегија за која што јавноста не е информирана или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада на Република Македонија.

Доколку е во прашање некаква стратегија, граѓаните очекуваат да бидат информирани за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо.
ВМРО-ДПМНЕ не гледа иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот кои премиерот Заев најави дека ќе ги менува.

Македонските граѓани на вчерашната прес конференција слушнаа многу работи, но не слушнаа на која држава е премиер Зоран Заев, а не слушнаа ниту на кој јазик говори или на кој народ му припаѓа“ се додава во соопштението од опозициската партија.