ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ му слугуваше на ДУИ и на Артан Груби

СДСМ му слугуваше на ДУИ и на Артан Груби. Тоа го знаат сите и сè беше на очиглед на целата македонска јавност, а сега се знае и зошто беше тој поданички однос – затоа што беа соучесници во криминалот на Груби, кој со години и системски ги пљачкаше Македонија и македонските граѓани, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.



„ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати зборуваше за криминалот на Артан Груби, но, од другата страна, кај неговите поданици, СДСМ, немаше никаква реакција. Напротив, тие продолжија верно до му служат до последен ден. Плашејќи се од паѓање на владата на криминалната коалиција СДСМ-ДУИ, СДСМ и Венко Филипче, кој беше висок државен и партиски функционер кога Груби ги правел милионите од Државна лотарија, збор не кажаа против него. За пуста власт и за владеење ден повеќе, СДСМ станаа измеќари на Артан Груби“, се вели во соопштението.

Имаше многу што СДСМ да направи кога Груби играше фудбал во државни кабинети, кога од владата и од неговото министерство доделуваше тендери на фирмата на неговиот брат или пак, во последниот случај со кривичната пријава за злоупотреби од неколку милиони евра од Државна лотарија, се додава во соопштението.

„Ова се само дел од аферите на Артан Груби, за кои СДСМ мудро си молчеа и ништо не преземаа, за случајно да не им се налути, па да ја натера ДУИ да излезе од владината коалиција и да не им падне владата. Болната желба за власт по секоја цена на СДСМ, доведе до тоа државниот буџет да биде оштетен за неколку милиони евра од Груби и од неговата екипа“, додава ВМРО-ДПМНЕ.