ВМРО ДПМНЕ: СДСМ ги партизираше институциите

СДСМ покажаа и докажаа дека се симбол на злоупотреба на државните ресурси за приватни и партиски цели, а институциите на системот ги претвори во партиски штабови, реагира утрово ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на опозициската партија за партизација на институциите. Преку соопштение СДСМ бара да биде назначен нов директор на Агенцијата за национална безбедност, затоа што, според партијата, новопоставениот Бојан Христовски нема соодветен безбедносен сертификат.



Од ВМРО-ДППМЕ, пак, возвратија дека претходниот директор на АНБ Виктор Димовски е пример како претходната власт ги партизирала институциите.

„СДСМ се видени и прочитани дека единствено што знаат на власт е да лажат, манипулираат, да ги злоупотребуваат и партизираат институциите. Не за џабе кај народот се познати како симбол на лаги, манипулации и партизирање на државата и институциите на системот. Од нивната лакомост да злоупотребуваат и партизираат не ги поштедија ни едни од најклучните институции, кои се столбовите за државната безбедност, меѓу кои и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски беше долгогодишен партиски функционер и тоа на највисоките тела на СДСМ, меѓу кои на нивниот Извршен одбор, а беше член и на нивниот Дипломатскиот совет“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, Димовски ги креирал политиките на СДСМ и учествувал на јавни настани и на партиски дебати.

„СДСМ ја партизираше и Агенцијата за разузнавање со назначувањето за директор Еролд Муслиу, кој, злоупотребувајќи ја позицијата, агенцијата ја претвори во нивен партиски штаб. Потсетуваме и за партизацијата на УБК кога СДСМ за директор го постави Миле Зечевиќ, кој своевремено беше висок партиски функционер, кој потоа стана и генерален секретар“, се вели соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата, додава владејачката партија, е одлучна да ја врати довербата на граѓаните во институциите и затоа приоритет е стручноста, професионалноста и компететентноста на кадрите.