ВМРО-ДПМНЕ најде грешки во пресметката на СДСМ за минималецот – нема да ги поддржи законските измени

Пратениците на СДСМ предлагаат минимална плата од 450 евра. Лидерот Филипче бара законски измени поради, како што рече, „моменталната голема економска несигурност и погрешните економски политики на актуелната власт“.



„Со измените, предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3%. А понатаму целата методологија и пресметката ќе останат исти, што значи платата од март следната година би тргнувала од оваа сума која ние денеска ја предлагаме, а би била ноемвриска плата да се исплати во месец декември“, кажа Венко Филипче, лидер на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, пронајдоа грешка во математиката на СДСМ и рекоа дека нема да гласаат за овие законски измени.

„Бројката на покачување на минималната плата како што кажа лидерот на СДСМ е 12,3%, таков е нивниот предлог. Сегашната минимална плата изнесува 22.567 денари и ако додадете 12% платата би била 25.342 денари, а никако 27.700 денари, коешто ако одиме по математикатика на тоа што треба да значи егзактна наука којашто е постулат на економијата, би било покачување од 22,7%. Цели 10% СДСМ и нејзиниот лидер имаат промашено во законот што укажува дека водат пазарџиска политика“ кажа Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека владејачката коалиција подготвува системско решение со кое што платите ќе бидат покачени за сите.

„Успеавме да се договориме со СОНК, веќе платите на образовните работници оваа година да бидат покачени, заедно со еден пакет којшто треба да генерира 46 проценти покачување на наставниот кадар. Успеавме да ги исплатиме платите коишто беа задоцнети, и овој месец ќе влезе во собраниска процедура и новиот текст за буџетот за 2025. Да оставиме работниците да бидат позитивно изненадени за тоа како новата влада се грижи за нив и какво покачување на платите предвидува“, посочи тој.

Минимална плата од 450 евра побараа синдикатите уште пред неколку месеци на првомајските протести. Сега првиот човек на Сојузот на синдикати Трендафилов порача:
„За да бидете поразлични од ССМ, зошто не 600 евра туку 450 евра? Бидејќи кога Синдикатот побара додека бевте на власт, велевте дека е невозможно! Борбата продолжува!“ кажа Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ.

Според последните податоци, близу 35 илјади работници во државата работат за минималец или до минимална плата.