ВМРО-ДПМНЕ го демантира тврдењето од невладината организација „Цивил“ дека претседателот на партијата Никола Груевски веќе подолго време размислувал да се повлече од функцијата.
„Груевски е претседател на ВМРО-ДПМНЕ и останува на оваа функција согласно доверениот мандат. Понатамошните и идните чекори на партијата ќе бидат преземени по направените анализи на резултатите на последните избори. Тие чекори ќе бидат во насока на интересите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, на нејзините членови, на доброто на граѓаните и на интересот на Македонија“, соопшти партијата со најмногу пратеници во Собранието.
„Најголемото зло во оваа држава останува да биде хунтата на власт, која ја носи државата во економска бездна и сиромаштија. Сè друго претставува дефокусирање од вистинските теми во државата, како што се погазувањето на државните интереси во секој поглед, повисоките даноци, криминалот, стагнацијата на сите проекти“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.





