Опозицијата продложува да се заканува дека нема да молчи за игнорантскиот однос на владата кон ставовите на опозицијата и продолжува да ги толерира чекорите на власта.
Усвојувањето на државниот буџет е третиот случај во последниве 10 дена во кој најголемата парламентарна партија во земјава освен изјави не презеде ништо конкретно за да ја спречи власта во своите намери.
ВМРО – ДПМНЕ освен осуда практично не презеде ништо против потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија и предлог законот за употребата на албанскиот јазик на цела територија на земјата а и сега при усвојувањето на законот за буџет реакциите на опозицијата се сведува на пораки и благи закани кои се функција на добивање поени пред локалните избори.
Веројатно поради страв дека ЕУ и САД ќе ја осудат за дестабилизација на земјата опозицијата не ги поддржат протестите што беа организирани од група граѓани на први август.
Во 2012 година причина за „Црниот понеделник“ беше физичкиот обид на СДСМ да спречи усвојување на закон за буџет по што интервенираше полицијата и на сила ги исфрли новинарите и пратениците на тогашната опозиција од Собранието.
Слично е и со законот за јазици предложен од владата. За да не ги иритира албанските гласачи ВМРО – ДПМНЕ законскиот предлог го осуди само со „половина уста“.
И денеска реакциите на опозициите се сведуваат на изјави, овој пат преку писмо испратено од координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Собранието.
„Влада што не е спремна да прифати ниту еден туѓ предлог, докажува дека нема демократски капацитет, пишува координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во отворено писмо до премиерот Зоран Заев и до министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Пратениците од Коалицијата која што имаше најголем број на гласови на последните парламентарни избори, поднесоа во прва фаза 706 амандмани, а во втора фаза 89 амандмани кои се реални и произлегуваат од барањата и потребите на граѓаните. Во овие амандмани имаше предвидено средства за крупни стратешки проекти, како и средства неаменети за решавање на голем број на локални проблеми на граѓаните низ цела Македонија.
Несериозно и недозволиво е Владата, Министерството за финансии и парламентарното мнозинство да ги игнорираат потребите и проблемите на 454.577 граѓани на Република Македонија, застапувани од 51 пратеник во Собранието на Република Македонија.
Убедени сме дека овие амандмани беа добра основна за квалитетна и конструктивна расправа на Комисијата за финансирање и буџети и сметаме дека барем дел од овие амандмани требаше и можеше да се прифатат во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Ветувавте инклузивност и соработка, а не прифативте ниту еден амандман од 58 опозициони пратеници, од кои 51 од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ и од 7 пратеници од останатите опозициони партии во Собранието на Република Македонија.
Сакаме да потенцираме и најавиме дека доколку и понатаму продолжи ваквиот игнорантски однос од страна на Владата на Република Македонија и на тесното парламентарно мнозинство кон опозицијата, опозицијата ќе одговори соодветно искористувајќи ги сите демократски и деловнички можности во Собранието на Република Македонија.
Доколку пратениците од власта молчат и работат искучиво во интерес на Владата на Република Македонија, опозиционите пратеници се спремни со работа, предлози, иницијативи и критика спрема вас да работат во интерес на граѓаните и во интерес на Република Македонија.
Ваквиот начин на кој што почна да функционира оваа Владата спрема Собранието на Република Македонија не е добар и истиот треба да се промени, додека е време.
Дополнителни сакаме да нагласиме и уште еднаш да ви укажеме дека економските проценки, економските политики и очекувања што ги најавувате и започнавте да ги спроведувате не се добри и нема да донесат резултати. Овие економски политики ќе претставуваат основа за стагнација на македонската економија, ќе се намалат странските диреткни инвестиции, ќе се намали растот и развојот на економијата и нема да се отвораат нови работни места, како во изминатите години“, пишува Илија Димовски во отвореното писмо.





