ВМРО-ДПМНЕ бара расчистување на случајот и најостра казна за член на обезбедување на лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој беше приведен откако ноќеска нападнал полицаец.
На ден 18.02.2024 година околу 00:05 час постапувајќи по план на СВР Скопје за контрола на Угостителски Објекти каде има сознанија дека се собираат уживатели и дилери на наркотични дроги, поточно пред влез на познат скопски локал од страна на лицето И. Б. род.08.03.1980 година од Скопје беше нападнат полицискиот службеник В. Г. по што лицето И. Б. без употреба на сила и средства за присилба е лишен од слобода во ПС ОН Центар за понатамошна постапка, стои меѓу другото во информацијата за инцидентот во кој учествувал членот на обезбедувањето на Мицкоски.
По приведувањето на лицето Ивица Б., од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ соопштија дека тој ќе биде отстранет од обезбедувањето на лидерот Христијан Мицкоски и дека нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претседателот на партијата.
„Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. Бараме органите, без заддршка да ги превземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно велат дека Ивица Б. е ангажиран како дел од обезбедувањето, а не како шеф на обезбедувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Акцијата за во која е уапсен Ивица. Б. ја водело СВР Скопје каде од пред десетина дена началник е кадар на ВМРО-ДПМНЕ.





