Воено-здравствениот систем на Србија и Воено-медицинската академија се достапни за дополнително сместување повредени во пожарот во Кочани, ако има потреба, јави дописникот на Македонската информативна агенција – МИА од Белград.
„И за оваа задача што ја извршивме, сите мои колеги доброволно се пријавија, доброволно учествуваа во транспортот, кој е еден од сложените облици на пренесување такви пациенти, па ако има потреба – стоиме на располагање и тука сме повторно да им помогнеме на народот во * Македонија.“ – изјави за Радио Телевизија Србија потполковник Горан Рондовиќ, анестезиолог од Клиниката за анестезија и интензивна нега на Воено-медицинската академија.
Тој додаде дека 30 пациенти, повредени во пожарот, се на лекување во Србија, од кои 12 се лекуваат во военото здравство, а останатите во цивилниот здравствен систем. „Се работи за изгореници, предизвикани од висока топлина, и повреди од вдишување, што се распространети кај поголемиот дел од повредените во оваа трагедија, бидејќи беа затворени во запалениот простор и изложени на висока топлина.“ – рече Рондовиќ.
Според него, тешко е да се предвиди времето на закрепнување на пациентите, но укажа дека нивното закрепнување може да се очекува најмалку за една, или две седмици, ако нема компликации.





