Власта очекува автопатот Прилеп-Битола да е готов во 2027 година

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски на социјалните мрежи сподели видео од градежните работи на автопатот Прилеп – Битола кој е дел од Коридорот 10д. Оваа делница ја гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ која треба да заврши 40 километри пат за 3 години.



Главниот предизвик за исполнувањето на роковите  е деминирањето на теренот, бидејќи треба да се отстранат експлозивни материјали од приближно 500 хектари. Досега се обезбедени околу 100 хектари, при што се пронајдени 19.500 потенцијално експлозивни предмети, а отстранети се 200.

https://www.facebook.com/watch/?v=787969470083520

Од околу 1.300 парцели, експропријација е направена на 850. На терен досега се пронајдени околу 19.500 експлозивни материјали кои се отстрануваат со помош на Армијата. Досега се извадени околу 200.

  • Ние сега сме еден чекор пред ’Бехтел и Енка‘. Ако претходно чекаа зашто не беше извршена експропријацијата, ако чекаа бидејќи не беше решено деминирањето, сега тоа е решено и нема да плаќаме толку пенали, туку, напротив, ’Бехтел и Енка‘ треба да не следи нас“, изјави директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.

Министерот Николоски рече дека со автопатското поврзување од Скопје до Прилеп ќе се патува за 1 час и 15 минути, а час и половина до Битола.

  • Овој автопат води до два големи центри во Македонија, до Прилеп и до Битола, а тука води и до границата со Грција, до нашиот втор граничен премин со Грција, што значи целосно отворање и за туризмот и за економијата“, рече Николоски.

Инаку, проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д, како што наведува компанијата „Енка“ на својата веб-страница, вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт итн.