Владика Наум: Најприродно е БПЦ да ни стане црква-мајка

Воспоставувањето на евхаристиската заедница меѓу БПЦ и МПЦ-ОА е во согласност со евроатлантските интеграциски процеси кон кои, со помош на Бугарија, се стреми Република Македонија. Оние што се противат на ова единство, исто така, се противат на горенаведените процеси, вели во посебна анализа за БГНЕС струмичкиoт митрополит Наум, во пресрет на денешното разгледување на писмото-молба од 9 ноември со кое МПЦ бара признавање како независна црква и БПЦ да стане нејзина „Црква-мајка”. И во седум точки го објаснува тоа:



  1. Барањето на МПЦ е барање што со години го слушаме од некои бугарски архиереи и е нормално, логично и неопходно, бидејќи некоја црква и без тоа треба да стане Црква-мајка за да нe извади од изолацијата која ни е наметната од Српската православна црква.
  2. Од моментот кога БПЦ ќе ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, тие стануваат „сестрински цркви“, што значи и рамноправни. Но, улогата на БПЦ како Црква-мајка не запира тука…Таа и понатаму ќе има чест пред Бога да не брани, претставува и презентира пред Вселенскиот патријарх и останатите православни цркви, додека МПЦ не добие “томос за автокефалност”.
  3. Некои луѓе од Бугарија велат: „Што ќе ни се две цркви, кога и од двете страни на границата живее ист народ?“ Дури и да е така, ќе потсетиме дека грчкиот народ, иако е еден, има пет цркви: Александриската, Ерусалимската, Кипарската, Грчката и Вселенската патријаршија, појаснува владиката Наум.
  4. МПЦ-Охридска архиепископија е канонски независна, слободна и црква, која не е под канонска јурисдикција од никого. Оваа своја самостојност МПЦ добива со Решение на СПЦ од 1959 година.
  5. Воспоставувањето на евхаристиската заедница меѓу БПЦ и МПЦ-ОА е природен резултат и од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Бугарија и Република Македонија. Тоа е и е во согласност со евроатлантските интеграциски процеси кон кои, со помош на Бугарија, се стреми Република Македонија. Затоа, оние што се противат на ова единство, исто така, се противат на горенаведените процеси.
  6. Голема лага е дека Вселенскиот патријарх веднаш ќе прекине евхаристиската заедница со БПЦ, ако БПЦ влезе во евхаристиската заедница со МПЦ – ОА.
  7. Конечно, во светлината на глобализацијата, е поверојатно да не молат да влеземе во единство со православните цркви или дури и да не натераат насила отколку да продолжиме да бидеме изолирани. Во случај на брзо решавање на спорот што Грција го има со нашето име, секако ќе биде одлучен и статусот на МПЦ, а БПЦ ќе сфати пред Бога што пропуштила, објаснува владиката Наум во анализа за БГНЕС.