Владата ѝ укажува на општина Тетово да ја прекине градбата на новиот градски стадион се до правната разврска на случајот

Владата, по побарано мислење од Уставниот суд, го разгледа случајот со користењето и случувањата околу новиот стадион во Тетово и и заклучи да се прекине со работата на теренот, се додека се случи правна разврска на случајот. Во разгледувањето Владата ја имаше предвид иницијативата до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на постапките поврзани со стадионот, каде што е посочено дека новиот фудбалски стадион, со владина одлука во 2015 година, е даден на трајно користење, без надомест на Општина Тетово.



Општината, како што е наведено, без законска основа го дала стадионот на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Дури, Билал Касами, градоначалникот на Тетово, Општина Тетово и ЈП „Тетово транспорт“ на јавен настан го претставиле проектот за уривање и изградба на нов градски стадион.

При донесувањето на заклучоците на денешната седница Владата ги зеде предвид и одредбите на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. Според тие одредби од споменатиот закон, само Владата има право да дава на трајно користење ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост, како и да утврдува престанок на корисничкото право. Заклучено е Генералниот секретаријат на Владата да подготви целосна информација во врска со статусот на објектот на новиот фудбалски стадион во Тетово. Во меѓувреме,заклучено е и да се испрати укажување до Општина Тетово да се прекине со работите на теренот се до правната разврска на случајот.

Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе во врска со поднесената Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на постапувањето во него. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно со Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи, во врска со овој случај.