Владата реплицира: Заев не мислеше на Русија кога спомна ликвидација

Македонската Влада излезе со реакција по обвинувањата од руска страна дека изјавите на премиерот Зоран Заев за црногорското радио Антена-М им штетат на односите меѓу двете земји.



„Изјавата на претседателот на Владата на Република Македонија за црногорскиот медиум се темели на искуствата од регионот и на реакциите на Руската Федерација при зачленувањето на други земји од регионот во НАТО-алијансата. Во интервјуто за црногорскиот медиум претседателот на Владата, Зоран Заев, во ниту еден момент не ги доведува укажувањата за ликвидација кон него во каква било релација со Руската Федерација“, објаснува Владата во своето соопштение.

„Стратешка определба и интерес на Република Македонија е членството во НАТО-алијансата и во Европската унија. Во исто време, Владата на Република Македонија е сериозно посветена и кон градење пријателски односи и соработка со Руската Федерација на принципиелно демократско ниво. Владата на Република Македонија останува целосно на заложбите за реализација на нашите евроатлантски стремежи и не гледа судир на тие заложби со определбата да ги одржиме добрите односи и со Руската Федерација“, се додава во реакцијата.