Новата Влада ќе вложи максимум да имаме мирна зима на енергетски план и непрекинато парно греење во главниот град, рече министерката за енергетика Сања Божиновска. Таа најави дека за оваа зима, струја ќе се набавува однапред за да се обезбедат пониски цени за домаќинствата. Потсети дека наследиле катастрофална состојба од претходната власт.

Божиновска изјави дека Владата ќе даде се од себе уште од стартот на следната година да нема зголемување на цената на струјата за граѓаните. Паралелно, рече дека одржливата и домашната енергија ќе бидат приоритет. Тоа вклучува изградба на енергетски објекти, електрани на гас, ветерници, како и модернизација на „РЕК Битола“, но и завршување на гасоводната мрежа.
Порача дека транспарентноста ќе им биде приоритет зашто јавноста треба да знае за се што се работи во енергетскиот сектор и додаде дека нема да се заборават ни модернизацијата на преносната мрежа и енергетските интерконекции.

- Работиме на интензивирање на работите и конечно завршување на клучните интерконекции и долгорочни инвестиции во обновливите извори на енергија. Цел ни е да бидеме лидер во зелената енергија, создавајќи одржлива иднина не само за сегашните, туку и за идните генерации, рече Божиновска.
Тоа, како што посочи, значи изградба на нови извори на обновлива енергија, но не само како приватни инвестиции, туку и како капацитети во сопственост на државата.
- Посебно внимание ќе и посветиме на енергетската ефикасност што вклучува изградба на фотоволтаици на покривите на домовите, градинките, училиштата и другите јавни објекти и поттикнување во компаниите, потенцира Божиновска.
Потсети на чекорите што се веќе преземени и што ни претстојат, кои, како што кажа, имаат за цел да ја консолидираат состојбата во енергетиката и да ја обликуваат енергетската иднина. Истакна дека наследиле катастрофална состојба.
- Се соочуваме со префрлени обврски од неодговорното однесување на претходниците. Изминатите три години не е платен ниту денар на име субвенционирана струја. Тоа што го гледавме на сметките дека Владата го покрива како трошок за електрична енергија за граѓаните не е платено. Сметката стигна сега – 60 милиони евра е долгот кон ЕВН во однос на ова што го имаме. Како држава изгубивме арбитража со ОКТА во износ од 24 милиони евра кои граѓаните допрва треба да ги платат. Од МЕПСО давани се донации во износ од 23 милиони денари на организации, фитнес клубови, здруженија, а при тоа се уште не е наплатен долгот од 14 милиони евра каде е инволвиран син на функционер на ДУИ. Дури 80 милиони евра е минусот на ЕСМ, а катастрофална е и состојбата во РЕК Битола каде производствената цена на електричната енергија беше 33 евра за мегават час во 2017 година, а сега е 133 евра, рече Божиновска.
Не е изграден, додаде, ни далекуводот со Албанија, а има 1,5 милиони евра провизија за неповлечени средства. Нема ни А од Александропули освен што имаме платено 2,5 милиони евра за закуп на капацитет.
Порача дека веќе е започната ревизија на работата на енергетските компании, како и модернизација на инфраструктурата, потпишан е договор со ЕБОР за обнова и зајакнување на електропеносната енергетска мрежа со што ќе може да се приклучат обновливи извори на енергија со инсталирана моќ од околу 1.170 мегавати. МЕМО од неодамна стана член набљудувач на АИБ, се врати транспарентноста во купувањето електрична енергија од страна на ЕСМ, профункционира Советот за праведна транзиција.





